Ајакс има право да се надева на чудо, Реал без Рамос не е ист

Тренерот на Ајакс, Ерик тен Хаг, смета дека неиграњето на Серхио Рамос е нивна предност бидејќи капитенот на Реал е шеф во тимот и не може неговото отсуство да не се почувствува на теренот.

„Рамос е лидер на теренот, шеф на задната линија, но и психички е важен за тимот, не само од тактичка гледна точка. Јасно е дека Реал без Рамос е послаб тим. Но, тие имаат многу квалитетни играчи. Кога би морало да изберам еден, ќе го издвојам Модриќ, јас сум негов фан. Ние ќе играме исто како на секој друг натпревар, одиме да дадеме голови, да победиме“, изјави Тен Хаг.

И бројките кажуваат дека Реал без Рамос е како дете без еден родител. Последните три натпревари на кои во почетниот состав го немаше капитенот, Реал претрпе три порази, и тоа два дома (1-3 против Јувентус и 0-3 против ЦСКА) и еден во Москва од ЦСКА со 0-1.

Сепак има една друга традиција која му оди во прилог на шпанскиот гигант. Во елиминациските двомечи од ЛШ, никогаш не се случило екипата која победила со 2-1 на првиот дуел на гости да испадне.

Реал во еврокуповите само еднаш бил елиминиран откако победил на гости во првиот меч, и тоа во Купот на УЕФА пред 25 сезони против Оденсе. Ајакс еднаш успеал да оди понатаму по пораз дома, и тоа во полуфиналето од ЛШ во сезоната 1995/96 против Панатинаикос. Тимот од Амстердам двапати има победено на „Сантијаго Бернабеу“, во 1973 и 1995, но Ајакс 22 години нема влезено во четврт-финалето на ЛШ.

- Оглас -

Најнови вести