Ајнтрахт се раздели со тренерот Алберт Риера

Ајнтрахт Франкфурт му врачи отказ на тренерот Алберт Риера само три и пол месеци по неговото назначување, соопшти германскиот бундеслигаш. Одлуката дојде само еден ден по ремито 2-2 против Штутгарт во последното коло од сезоната, резултат кој значеше дека тимот остана без пласман во европските натпреварувања за следната сезона.

Последен пат клубот од Франкфурт не обезбеди европско учество во сезоната 2020/21.

Риера го презеде тимот во февруари, а под негово водство Ајнтрахт запиша четири победи, пет ремија и пет порази, со просек од 1,21 бод по натпревар. Сезоната ја завршија на осмото место во Бундеслигата.

Сепак, германските медиуми тврдат дека причината за разделбата не била само резултатската криза, туку и контроверзните јавни изјави на шпанскиот стратег, како и нарушените односи со дел од фудбалерите.

Во април Риера изјави дека наследил „најлош тим во Европа во дефанзивата“, што предизвика бурни реакции во јавноста. Дополнителни тензии предизвика и неговата одлука да го остави на клупата Марио Геце непосредно пред продолжувањето на договорот на искусниот германски фудбалер.

„По интензивни разговори, заеднички донесовме одлука веднаш да ја прекинеме соработката. По отворена и искрена анализа на спортскиот развој, заклучивме дека сакаме да тргнеме во различен правец следната сезона“, изјави спортскиот директор Маркус Кроше.

Во соопштението на клубот, Риера порача:

„Клубот и јас заеднички се согласивме да ја прекинеме соработката. Како главен тренер ја преземам одговорноста за спортските резултати и во текот на целиот период мојот единствен фокус беше да го подобрам тимот и да постигнам успех. Чувствував дека моја должност е да ги заштитам клубот и играчите, и повторно би постапил така.“

- Оглас -

Најнови вести