Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри, сериозно размислува да го напушти клубот на крајот од сезоната поради продлабочени несогласувања со Златан Ибрахимовиќ и дел од управата, пренесува „Кориере дела Сера“.
Според пишувањата, односите меѓу Алегри и Ибрахимовиќ се целосно нарушени, без речиси никаква комуникација и со постојани тензии околу трансфер политиката и начинот на кој се води спортскиот сектор во клубот.
Дополнителен притисок создаваат и слабите резултати на тимот, кој во последните шест натпревари забележа само една победа, додека и понатаму води битка за пласман во Лигата на шампионите во последните 180 минути од сезоната.
Италијанските медиуми наведуваат дека конфликтот ескалирал по поразот од Наполи, а клучна точка на раздор била одлуката околу изборот на трет голман, по што комуникацијата меѓу двете страни целосно престанала.
Во дел од извештаите се потсетува и на нивниот претходен судир од 2012 година, кога, во времето на заедничкиот период во Милан, наводно дошло до жестока расправија во соблекувалната по натпреварот со Арсенал.
Истите извори тврдат дека Алегри бил незадоволен и од контактите на Ибрахимовиќ со Антонио Касано, кој често го критикува тренерот, како и од фактот дека Швеѓанецот во одредени ситуации давал тактички совети на играчи како Јусуф Фофана и Рафаел Леао, што дополнително ги влошило односите во тимот.
Клубот, според италијанските извори, не донел значајни засилувања во зимскиот преоден рок и покрај барањата на Алегри, а единствено пристигнување било Никлас Фулкруг на позајмица, додека се тврди дека подоцна биле издвоени околу 30 милиони евра за други трансфери без знаење на спортскиот директор.
Во тој контекст се споменува и можноста евентуалното враќање на Ибрахимовиќ во централна спортска улога да значи и крај за Алегри во Милано, додека како една од следните опции за тренерот се споменува преземање на репрезентацијата на Италија, по разочарувачките квалификации за Светското првенство.

