Алушовски: Да го сопреме Маласинскас, тој е моторот на Мотор

Вардар продолжува со ракометните натпревари во пеколен ритам и по победата против Елверум во Лигата на шампионите, утревечер од 20.15 часот во Запорожје ќе игра против Мотор, во СЕХА-лигата.

Двете екипи засега се непоразени во Б групата од Регионалната лига, а Вардар е лидер со две победи, додека Мотор одигра еден меч и ги освои бодовите против Војводина.

„Имавме малку време за да се одмориме и рекуперираме по тешкиот дуел со Елверум во Лигата на шампионите. Се чувствува замор кај ракометарите. Сега нè чека и лет за Истанбул, па потоа и патување до Запорожје, но ќе мора и тоа да се мине. Утре ќе имаме тренинг и ќе ја анализираме нивната игра.

Нè чека дуел со екипа што игра модерен и брз ракомет. Од лани имаат нов тренер и неколку нови ракометари во екипата. Според мене, клучно е како ќе се справиме со Маласинскас, кој е мотор на екипата. Се поаѓа од него и ако го сопреме, не сме без шанси за победа. Ќе дадеме максимум и ако тоа е доволно, да се радуваме на триумф“, изјави Стевче Алушевски, тренерот на Вардар.

На местото на Јагуриновски, кој е повреден, во составот ќе биде Стефан Атанасовски, најави тренерот на Вардар.

Црвено-црните досега одиграа два меча во СЕХА-лигата и сè уште се непоразени како лидери на табелата во Б-групата.

„Нè очекува натпревар со Мотор од поинаков тип од тој со Елверум, секако и во друго натпреварување. Очекувавме дека ќе биде тешко во ваков набиен распоред на натпревари, но и за останатите екипи е слично. Подготовки, натпревари, патувања, тоа е системот во услови на пандемија на ковид-19.

Мотор има квалитетна екипа, играат динамично за гол повеќе и можеби токму со нив ќе играме осминафинале, како можен ривал. Секоја победа носи и бодови и подобра атмосфера, па се надевам дека по Елверум, ќе совладаме уште еден противник“, изјави Гоце Георгиевски, крилото на Вардар.

 

- Оглас -

Најнови вести