Аморим: За следната сезона сигурен во клубот е само економот

Тренерот на Спортинг, Рубен Аморим, не трпи порази и сака да се врати на победничките патеки веќе денеска, на дуелот со Сетубал.

Во минатото коло, тренерот што беше платен над 10 милиони евра како отштета за неговиот трансфер од Брага, го доживеа првиот пораз како кормилар на Лавовите од Лисабон. Спортинг загуби од шампионот Порто, што не му се допадна на Аморим.

„Не сакам порази и ако ни се случи уште некој неуспех во последните две кола од оваа сезона, знам дека сигурен во клубот за во иднина ќе биде само економот Паулињо. Затоа за да не си ги комплицираме работите денеска мора да го победиме Сетубал“, вели 35-годишниот Аморим, кој е најмлад тренер на клуб од Првата португалска лига.

За Спортинг од 2017 година игра и нашиот репрезентативец Стефан Ристовски, кој очекува продолжување на договорот со клубот од Лисабон.

Денеска и тој и соиграчите имаат зицер за освојување на третото место во Примеира, што гарантира директен настап во фазата по групи во Лигата на Европа. Ако Спортинг од 20 часот вечерва на „Жоао Алвеладе“ го победи Сетубал, ќе биде недостижен за Брага, екипа која му е единствен конкурент за третата позиција.

 

- Оглас -

Најнови вести