Спартак Суботица и официјално го претстави македонскиот младински репрезентативец Давид Ангелевски како свое ново засилување за претстојната сезона.
Младиот фудбалер, кој е редовен член на селекцијата на Македонија до 19 години, остави одличен впечаток уште за време на подготовките со српскиот прволигаш. Добрата форма ја потврди и на контролниот натпревар против Алашкерт, кога го постигна својот дебитантски погодок во дресот на Спартак.
Ангелевски во новиот клуб пристигнува по солидната сезона во Пелистер, за којшто во Првата македонска фудбалска лига одигра 13 натпревари. Трансферот во Спартак Суботица претставува нов предизвик и важен исчекор во кариерата на перспективниот македонски фудбалер, кој ќе има можност да се афирмира и надвор од домашното првенство.

