Ангеловски: Австрија нека брка пласман, ние си ја гледаме нашата работа

Фудбалската селекција на Македонија вечерва во 20:45 часот ќе ги одмери силите со фаворизираната Австрија во рамки од деветтото коло во квалификациите за ЕП 2020. Австријците во пресрет на овој дуел се наоѓаат на прагот да обезбедат пласман на континенталниот собир, а за тоа ќе треба да останат непоразени на „Ернст Хапел“ стадионот во Виена.

Сепак, селекторот на нашиот национален состав Игор Ангеловски, смета дека неговите фудбалери ќе го прикажат најдоброто нивно издание, додека не ја исклучува можноста да им даде шанса за настап на дебитантите доколку има простор за тоа.

Имаме кадровски проблеми, но рековме дека нема да се жалиме, така и ќе биде. Ќе играат тие што се подготвени и јас верувам во нив. Можно е шанса да добијат и некои дебитанти, но ако им е прв меч не значи дека немаат квалитет. Сигурен сум дека сите фудбалери ќе го дадат максимумот и ќе одиграат најдобро што умеат. На овие натпревари сакаме да го потврдиме квалитетот и да се подготвиме за полуфиналето на Лигата на нации. Австрија беше доминантна во текот на квалификациите, тие се на прагот на пласман на Европско првенство, но ние си ја гледаме нашата работа”, изјави селекторот Ангеловски.

Македонија убедливо го загуби првиот дуел против Австрија во овие квалификации, поразот од 4-1 во Скопје уште боли, но Стефан Ристовски смета дека селекцијата не може да одигра толку слабо вечерва.

„Ривалот има силен состав, но ние сме фокусирани да одиграме на вистинското ниво и овие квалификации да ги заокружиме на добар начин, како и што ги игравме досега. Ако сакаме Македонија да игра на Европско првенство, секој меч е најважен за нас. Секако дека имаме желба и мотиви да одиграме најдобро што можеме во моментот. Имаме проблеми, но верувам дека сите што ќе истрчаат ќе бидат на потребното ниво, со срце. Исто така мислам дека не можеме да бидеме така слаби како на првиот меч против Австрија“, истакна Ристовски.

Репрезентативците вчера ја почувствуваа тревата на „Ернст Хапел“, а тренингот кој важеше како последна подготовка за предизвикот помина во високо расположение.

- Оглас -

Најнови вести