Фудбалската репрезентација на Англија се подготвува за еден од најтешките предизвици на Светското првенство, осминафиналниот дуел против Мексико, кој ќе се игра на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико сити, на надморска височина од 2.240 метри.
Поради специфичните услови, медицинскиот тим на гордиот Албион разгледува различни методи за полесна адаптација на фудбалерите, а меѓу нив е и употребата на силденафил, лекот попознат под комерцијалното име „вијагра“.
Иако најчесто се поврзува со сосема друга намена, силденафилот веќе подолго време има примена и во спортската медицина. Тој ги проширува крвните садови и го намалува притисокот во белите дробови, што овозможува подобра циркулација на крвта и поефикасен транспорт на кислородот во услови на голема надморска височина.
На тој начин се намалува заморот, а организмот полесно се справува со физичките напори во средина каде што воздухот содржи помалку кислород.
Ваквиот пристап не е непознат во светот на фудбалот. Клубови и репрезентации од Јужна Америка со години користат слични медицински протоколи кога играат натпревари во Боливија или Еквадор, каде стадионите се наоѓаат на надморска височина поголема од 2.500, па и над 3.000 метри.
Дополнително, силденафилот не се наоѓа на листата на забранети супстанци на Светската антидопинг агенција (ВАДА), бидејќи не се смета за средство што ги подобрува перформансите во нормални услови, туку му помага на организмот полесно да се приспособи на екстремни висински услови.
Англија ќе се обиде максимално подготвена да го дочека натпреварот со Мексико, со цел да ги избегне проблемите како отежнато дишење, главоболка и брз замор, кои често ги погодуваат спортистите на голема надморска височина.
Осминафиналниот натпревар меѓу Мексико и Англија е закажан во ноќта меѓу понеделник и вторник.

