Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, ги коментираше изјавите на Килијан Мбапе дека е четврта напаѓачка опција во тимот.
„Многу би сакал да имам четворица напаѓачи. Но, јас немам толку и никогаш не сум му кажал такво нешто на Мбапе. Можеби не ме разбрал правилно. Навистина не знам што да кажам. Во никој случај не би можел да му кажам дека е четврти напаѓач“, изјави Арбелоа.
„Јасно е дека не може да игра ако не го ставам во составот. Јас сум главен тренер и одлучувам кој ќе игра, а кој не. Разговарав со него пред натпреварот. Не знам како можел така да го протолкува тоа. Играч кој пред четири дена не беше ни во конкуренција за натпревар, не требаше денес да биде стартер. Ова не е финале, ниту прашање на живот и смрт“, продолжи тренерот.
Арбелоа додаде дека Гонзало Гарсија одиграл одличен натпревар претходно и дека во недела повторно ќе биде главен напаѓач.
„Тоа е сè. Немам проблем со никого. Јас ги носам одлуките и разбирам дека тие што не играат, се незадоволни. Можам да разберам дека Мбапе е разочаран што не игра, но тоа е одлука донесена според околностите. Не сакав да ризикувам со негово пуштање во игра само по три дена. Тоа беше најлогичната и најприродната одлука водена од здрав разум“, истакна тој.
„Ако сакате, пуштете ми ја снимката од микс-зоната и тогаш ќе разговараме. Додека не слушнам точно што кажал, нема да ја коментирам секоја фраза“, заврши Арбелоа.

