Аргентинците во Вардар не се видоа цела сезона, воопшто ги немаше на прославата за титулата, но имаат сигурни договори

По пауза од шест години, Вардар повторно е шампион на Македонија. Ова е 12 титула во самостојна Македонија, а ако се додаде и трофејот од 1987 година во некогашна СФРЈ, Црвено-црните вкупно 13 пати биле државни шампиони.

Во голем стил ја прослави Вардар најновата титула, со убедливи 3:0 го победи најголемиот ривал Шкендија. Уште пред почетокот на дербито беше јасно дека Вардар е најдобар, но како вистински шампион, најтрофејниот клуб со убедливи 3:0 славеше над Шкендија и на крајот заврши со големи девет бода предност.

По мечот следуваше славјето и доделување на медалите. Тоа што беше впечатливо е дека меѓу играчите на Вардар немаше ниту еден од аргентинската колонија. Освен што не беа во записникот за дуелот, Аргентинците Диего Кастањеда, Пулеио Иан и Жоакин Торес воопшто не се појавија при доделувањето на медалите за најдобрите.

НЕ ФАЛЕА НА ТЕРЕНОТ, НО ТРЕБАШЕ ДА БИДАТ ТАМУ ДА ГО ИСПРАТАТ ТРЕНЕРОТ СЕДЛОСКИ

Овие тројца едноставно како да исчезнаа, но тоа и не е толку неочекувано ако се знае дека и во текот на сезоната беа незабележителни и минирни во играта на Вардар. Од Гаучосите во Вардар најмногу се истакна Диего Кастањеда кој одигра 22 меча, а постигна три гола. Кастањеда имаше и конфликт со тренерот Гоце Седлоски по победата од 1:0 над Работнички, Аргентинецот се извини, но очигледно дека тоа извинување не беше прифатено, па во последните шест кола играше само против Тиквеш и тоа едвај 32 минути.

Од оние кои беа доведени во зимскиот преоден рок, напаѓачите Пулеио Иан и Жоакин Торес беа со речиси никаков ефект. Иан играше само на три средби и не постигна гол, додека Торес во 10 натпревар постигна само два гола. Севкупно, ако се собере учинокот на тројцата Аргентинци во Вардар одиграле вкупно 35 натпревари, а постигнале само пет голови, иако сите играат во офанзивниот дел од теренот.

НЕИЗВЕСНО Е ДАЛИ ВО ТИМОТ ЌЕ ОСТАНАТ ОНИЕ КОИ ГО ИЗНЕСОА НАЈГОЛЕМИОТ ТОВАР СЕЗОНАВА

За разлика од тројцата Гаучоси, Стефан Цветковиќ кој истотака пристигна во зимскиот преоден рок, беше еден од одлучувачките фактори за освојување на титулата. Цветковиќ постигна девет погодоци, од кои пет беа на средби на кои Вардар победуваше со 1:0, што значи дека директно е заслужен за освојување на најмалку 15 бодови. Но, на Цветковиќ му истече договорот со Вардар и засега нема најава дека може да остане, иако самиот играч потенцираше дека тоа би му било првичен план.

Освен Цветковиќ, договорот со Вардар им истече и на капитенот Азер Омерагиќ кој е прв стрелец во тимот со 14 голови, потоа Босанчиќ кој беше двигател во средината на теренот, како и репрезентативците Бобан Николов и Дарко Велковски, кои чекаат и понуди од странство.

Фактичката ситуација во Вардар е таа, играчите кои го износија најголемиот товар сезонава за Вардар да стигне до титулата, засега имаат неизвесна иднина, додека Аргентинците кои воопшто не се појавија на прославата за титулата и беа со минирен ефект во играта на тимот, имаат сигурна иднина во црвено-црниот дрес.

Нема многу време за чекање затоа што Вардар за скоро време ќе треба да ги започне и подготовките за настап во квалификациите за Лига на шампиони и ќе треба брзо да се реагира.

- Оглас -

Најнови вести