Арсенал имаше џокер на дуелот против Челзи – момчето кое има 23 години, а веќе се радувал на 10 трофеи

Арсенал ја заврши сезоната во Премиер лигата на осмото место, но на крајот Топчиите може да бидат задоволи и да речат дека имале успешна година. Тоа е така само благодарение на добрите настапи во ФА Купот. Топчиите вчера се радуваа на пехарот во најстарото клупско натпреварување во светот, откако во финалето на „Вембли“ со 2:1 го победија градскиот ривал Челзи.

Пред мечот, Челзи ја имаше фаворитската улога, но Арсенал покажа зошто е најуспешен клуб во ова натпреварување. Иако Челзи поведе со голот на Пулишиќ, Арсенал со погодоците на Пјер Емерик Обамејанг направија комплетен пресврт и на крајот се радуваа на успехот.

Еден од оние кои се најзаслужни за победата, вршејќи си ја одлично својата работа е Киран Тирни. Дефанзивецот на Арсенал одигра одличен меч и на крајот потврди дека тој е вистински магнет за трофеи.

Тирни има само 23 години, а веќе може да се пофали дека има освоено 10 значајни пехари. Левиот бек е дете на шкотскиот гигант Селтик. Уште на осум години започнал да тренира во школата на Селтик, а по 10 години напорно докажување, на 22 април 2015 година доби шанса да дебитира во сениорскиот тим и тоа со само 17 години.

Откако го покажа квалитетот, Тирни во следните четири години беше стандарден во Селтик, тим кој доминира во Шкотска. Со Селтик освои четири титули во првенството, три во Купот и две во Суперкупот на Шкотска.

Минатото лето, за сума од 25 милиони евра Тирни направи трансфер во Арсенал. Доаѓањето во Лондон не му беше најпријатно затоа што се повреди и првиот дел од сезоната мака мачеше да се врати во форма и да се докаже во новиот клуб.

Шкотскиот репрезентативец успеа да се намете пред Сеат Колашинац на левата бековска позиција и во 23 одиграни меча покажа дека е квалитет, но што е уште поважно, дека е човек кој е научен како се освојуваат трофеи. Синоќа Киран беше стартер и беше заменет буквално во последните секунди од мечот за да добие Арсенал во време.

На крајот Тирни се израдува и на првиот трофеј во дресот на Арсенал, а вкупно 10-ти за него во кариерата, што е одличен биланс за еден 23-годишен фудбалер.

- Оглас -

Најнови вести