Играчкиот кадар на англискиот првак Арсенал претрпува важни промени во текот на летниот преоден рок, откако челниците на клубот решија да продадат двајца играчи кои беа значајна алка во сезоната кога стигнаа до шампионскиот трофеј во Премиер лигата.
Во изминативе неколку денови Арсенал ги договори трансферите на капитенот Мартин Одегард и на Леандро Тросар. Интересно е дека двајцата кариерите ќе ги продолжат во Турција. Галатасарај за норвешкиот креатор на играта ќе плати 40 милиони евра, а Арсенал реши да ја прифати оваа понуда, најмногу сакајќи да се ослободи од Одегард кој во последно време имаше често проболеми со повредите.
Одегард во Арсенал беше од јануари 2021 година кога првично дојде како позајмен играч од Реал Мадрид и за брзо време стана клучен играч во играта на тренерот Микел Артета. Вкупно одигра 214 натпревари и стигна до скор од 40 голови и 37 асистенции.
За разлика од Одегард, Тросар кариерата ќе ја продолжи во градскиот ривал на Галатасарај, тимот на Бешикташ, кој го одврза ќесето и плати 20 милиони евра за трансферот на фудбалерот на Арсенал. Бешикташ веќе има испратено своја делегација во САД, каде Тросар игра на Мундијалот за својата Белгија.
Тросар во Арсенал пристигна во јануари 2023 година и тоа за трансфер од 30 милиони евра од Брајтон. белгискиот крилен напаѓач брзо се наметна во првиот тим на Топчиите и вкупно одигра 174 натпревари во кои постигна 36 голови, а имаше и 37 асистенции.
Со овие два трансфери Арсенал ја наполни клупската каса и сега може да најде квалитетни засилувања пред почетокот на следната сезона.

