Атлетико Мадрид е нов шампион на Шпанија!

Атлетико Мадрид е шампион на Шпанија за сезоната 2020/21. Јорганџиите попладнево го совладаа Валјадолид со пресврт од 2-1 на гости и ја запечатија 11-тата титула во клупската историја.

Тимот на Диего Симеоне се најде во непријатна негатива по првото полувреме, меѓутоа Кореа и Суарес за само 10 минути во вториот дел го свртеа резултатот, по што славјето на Јорганџиите можеше да почне.

Со оглед на тоа дека со водството од 2-1 Атлетико секако остануваше на првото место, не беше многу важно што се случува на „Алфредо Ди Стефано“ стадионот во Мадрид, каде што Реал губеше од Вилјареал со минимални 0-1 сè до последните неколку минути. Кралевите на крајот се изборија за победа со головите на Бензема и Модриќ во самиот финиш од средбата, меѓутоа не беше доволно.

По пауза од седум години Јорганџиите се вратија на врвот во Шпанија, а ова е втора титула која Атлетико ја освои со Диего Симеоне на тренерското столче.

Елче на крајот се спаси и остана во елитата со победата од 2-0 над Билбао, откако Уеска ремизираше без голови со Валенсија и како 18-то пласирана екипа испадна во Сегунда.

Резултати 38-мо коло Ла Лига:

Селта 2-3 Бетис, Еибар 0-1 Барселона, Елче 2-0 Билбао, Уеска 0-0 Валенсија, Реал 2-1 Вилјареал, Валјадолид 1-2 Атлетико.

- Оглас -

Најнови вести