Баерн е драгстор за голови – Фортуна си пазареше петка во Минхен (Видео)

Баерн Минхен нема милост кон ривалите и во продолжението од Бундеслигата и повторно забележа победа на домашен терен со пет постигнати гола, вечерва против Фортуна.

Гостите од Диселдорф можат да бидат среќни што примија само петарда и загубија со 5:0 од лидерот во Германија, кој игра во пеколно темпо и во пост-корона ерата.

Роберт Левандовски со два гола си ги запиша во тефтерот и ривалите од Диселдорф и сега Полјакот има постигнато погодоци против сите тимови што настапуваат во Бундеслигата.

Третиот погодок на Баерн и прв на мечот за Левандовски беше вистинска минијатура што му ја подготвија Кимих и Милер, а првиот стрелец во германското првенство најави макси победа на шампионот.

https://twitter.com/RegistaGilmour/status/1266785426498560003?s=20

Пред него Јоргенсен со автогол го отвори резултатот, а следеа прецизни удари на Павард, па два на Левандовски и еден на Дејвис. Ова е втор меч на Баерн на домашен терен по паузата поради Ковид-19 и втора победа со пет постигнати голови. На претходниот меч Баварците славеа против Унион Берлин со 5:2, а се уште се единствениот тим со максимален учинок од 16. мај, кога продолжи натпреварувањето во германското првенство.

Баерн по 29 кола има убедливо најголем број на погодоци во германското првенство, точно 86 и е лидер со 67 бода, десет повеќе од Борусија Дортмунд со меч повеќе.

Левандовски е крал на стрелците во Бундеслигата со 29 погодоци и е блиску до престижната награда. Моментно со 29 погодоци е и прв стрелец во Европа пред Чиро Имобиле од Лацио со 28 и Тимо Вернер од Лајпциг со 24.

- Оглас -

Најнови вести