Баерн пак ќе пазари во Каталонија

Баерн Минхен планира уште да троши во последните денови од преодниот рок. Баварците утринава постигнаа договор со Лил околу нивниот играч Ренато Санчес, кој во Франција се сели за сума од 25 милиони евра, а веќе е најдена замена за Португалецот.

Шпанска „Марка“ тврди дека Баерн ќе ја активира клаузулата на Марк Роха, играчот за врска на Еспањол, која изнесува 40 милиони евра. Германскиот првак уште на стартот на летниот трансфер пазар се обиде да го ангажира младиот европски првак, но тимот од Барселона тогаш ја одби понудата од 30 милиони евра. Приходот од продажбата на Санчес, ќе му овозможи на тимот кој го води Нико Ковач да ја исплати целата сума на откуп за талентираниот Роха да се пресели на „Алијанц арена“.

Претходно од каталонското подрачје на Шпанија пристигна Филипе Кутињо, кој оваа сезона ќе игра за Баерн како позајмен играч од Барселона, а Роха може да биде втората аквизиција од истото место.

 

- Оглас -

Најнови вести