Банкар од Хрватска има скор 2-0 против Рафаел Надал, а не се ни сеќава

Загрепчанецот Горан Вујаклија можел да има блескава тениска кариера, како многу млад бил подобар и од Кралот на земјените терени, Рафаел Надал, но животот имал друг пат за него, па тој работи во трезор во банка.

Пред 20 години, кога Горан имал 14, а Рафа 13 години, Хрватот играл двапати против Надал и извојувал две победи.

„Не би сакал од себе да правам ѕвезда, но точен е податокот дека сум го победил Надал. Тоа беше одамна, во 1999 година. Повеќе се сеќавам на мечот со Барселона на Европскиот куп. Се играше на бетон, го победив 2-0 во сетови, а беше густо, 7-5, 6-4 или така некако. Јас бев прв во светот на ранг-листата за играчи до 15 години. Тогаш победата над Надал не беше изненадување, а од денешна перспектива, секако дека е сензација. Пред тоа го имам победено уште еднаш. Рафа и тогаш имаше потенцијал, иако никој не можеше тогаш да претпостави дека ќе порасне 185 сантиметри и ќе има 100 килограми мускули како денеска“, вели Вујаклија.

Вујаклија жали што нема заедничка слика со Надал, но кога играа, тоа не беше време на мобилни и селфија.

„Мислам дека би ме познал и денеска ако се сретнеме. Тој речиси секогаш победуваше и затоа ги памети оние од коишто губел. Особено мислам дека го памти поразот во Барселона, пред очите на родителите и чичко му“, додава Вујаклија.

- Оглас -

Најнови вести