Барди се одјави со реми против Кадис, го одигра ли последниот меч за Леванте?

Енис Барди ја заврши клупската сезона со 67 минути на терен во дресот на Леванте вечерва против Кадис. Мечот заврши нерешено 2:2, а може и да е последен за нашиот репрезентативец за клубот од Валенсија по четири сезони.

Барди беше стартер вечерва против Кадис и беше заменет со капитенот и иконата на тимот Хозе Моралес, или популарниот „Ел Команданте“.

И двајцата беа меѓу столбовите на клубот во успешните четири сезони во Ла Лига за Леванте, но веројатно ќе следи и разделба.

За Барди има интерес од неколку клубови од европските лиги, а можно е да остане во истиот град, бидејќи шпанските медиуми најавија дека Валенсија се интересира за ангажман на 25-годишниот репрезентативец на Македонија.

Сега најпрво Барди ќе се сконцентрира на настапот на Европското првенство, прво големо натпреварување на нашата сениорска репрезентација и второ за Енис.

Играчот од средниот ред на Леванте настапи на историското ЕП во Полска во 2017 година за младинци до 21 година, што беше прво за било која наша селекција во сите возрасти.

Веднаш по настапот во Полска, Леванте реагираше најбрзо и го купи Барди од Ујпешт Дожа, а сега може повторно да се случи трансфер за Енис по големо натпреварување.

Македонија ќе игра на ЕП во Ц групата, против Австрија на 13. јуни во Букурешт, на истото место и против Украина на 17. јуни и со Холандија во Амстердам на 21. јуни.

 

- Оглас -

Најнови вести