Бензема му објасни на Винисиус за „инцидентот“ на полувремето во Менхенгладбах

На вчерашниот тренинг на Реал Мадрид, прв по „скандалот“ со разговорот на Карим Бензема со Ферлан Менди, очите беа вперени кон Бензема и Винисиус.

Искусниот напаѓач на Реал во разговор со Менди го критикуваше Винисиус, иако не му го спомна името, но јасно беше на кого мисли кога кажа дека Менди не треба да му ја додава топката и дека тој играл всушност против Реал. Како капак на тоа, на снимката од второто полувреме на мечот Борусија Менхенгладбах – Реал Мадрид се виде дека Бензема ниту еднаш не му ја додаде топката на бразилското крило.

Винисиус изјави дека е изненаден од таквиот однос на клупскиот колега кон него, па затоа Бензема вчера имаше разговор во четири очи со 12 години помладиот Винисиус за да ги расчистат работите. Никој од нив двајца не му даде преголемо значење на настанот бидејќи кога сте лути и под тензија додека тимот ви губи со 0-2, се кажуваат работи и кои не се мислат.

Случајот е затворен, во Реал е потребно единство пред новата тешка битка која им претстои во следното коло од ЛШ против Интер. Реал утре игра со Уеска, но Винисиус можеби ќе биде резерва бидејќи Еден Азар треба да добие поголема минутажа за враќање во ритам.

- Оглас -

Најнови вести