Бензема слави роденден, Реал од него чека голови

Карим Бензема денеска го прославува својот 31-ви роденден, а дали ќе го памети и по постигнат гол за победа над Кашима во полуфиналето на Светското клупско првенство, ќе се знае вечерва. Бензема сезонава е во добра форма, има постигнато вкупно 11 гола, од кои шест во шпанската лига и се наметнува како лидер во екипата која има проблем со реализацијата. Целата претходна сезона тој даде 12 гола на 47 меча.

По заминувањето на Кристијано Роналдо, Бензема сфати дека мора да биде поактивен и засега добро му оди. Во саботата против Рајо Валјекано, Карим шутна еднаш и даде гол. Потоа се повреди и ги загрижи фановите на Реал, но тој е 100 проценти подготвен за денешното полуфинале против првакот на Азија.

Од Бензема се очекуваат голови, бидејќи во отсуство на повредениот Маријано Дијас, единствени напаѓачи во редовите на европскиот првак се Бензема и младиот Винисиус. Французинот е најкористениот играч од страна на тренерот Сантијаго Солари и тој ја има палката на лидер на офанзивниот дел од тимот.

Лични мотиви за победа има и кај Тибо Куртуа, кој го чека првиот трофеј како голман на Реал, и Тони Крос, кој ја брка својата рекордна петта титула на Светските клупски првенства. Германецот засега има еден трофеј со Баерн и три со Реал. Ако успее и годинава, ќе стане првиот фудбалер со пет трофеи од ова натпреварување.

 

- Оглас -

Најнови вести