Берлин им објави „војна“ на навивачите: Нема веќе налепници на сообраќајните знаци!

Берлин наскоро би можел да започне сериозна борба против навивачките налепници низ градот. Политичката партија ЦДУ предложи посебна казна од најмалку 250 евра за лепење налепници на сообраќајни знаци, а како најголем проблем се посочени навивачките налепници на Херта и Унион Берлин, кои во последните години преплавија многу делови од градот.

Според германските медиуми, политичарите од ЦДУ тврдат дека некои сообраќајни знаци се толку прекриени со налепници што повеќе не се гледаат ограничувањата на брзината, сообраќајните стрелки или други важни информации за возачите. Ларс Боциан од ЦДУ изјави за „Билд“ дека ваквата практика повеќе не треба да се третира само како мал административен прекршок, туку како сериозен проблем за безбедноста во сообраќајот.

Градот има големи трошоци за чистење и замена на знаците. Во градската област Штеглиц-Целендорф во последните три години биле заменети околу 1600 сообраќајни знаци поради вандализам и налепници. Во Мите годишно се оштетуваат околу 500 знаци, а трошоците за поправки достигнуваат приближно 150 илјади евра. Поради тоа, почнале да поставуваат поскапи сообраќајни знаци со специјални заштитни премази против лепење налепници.

Сепак, не сите се убедени дека драстичните казни ќе го решат проблемот. Истражувачот на навивачката култура Харалд Ланге од Универзитетот во Вирцбург предупреди дека построгите казни би можеле да предизвикаат контраефект и дополнително да го поттикнат ривалството меѓу навивачите. Тој исто така смета дека прекршителите е многу тешко да се фатат и дека самата забрана и високите казни би можеле лепењето налепници да го направат уште попривлечно за дел од навивачката сцена.

- Оглас -

Најнови вести