Биковите веќе знаат, идното лето ќе останат без единствениот европски првак во тимот

Капитенот на Торино, Андреа Белоти, ја игра последната сезона како член на Биковите, а дека ќе си замине, знаат и раководните лица во клубот, кој е седумкратен првак на Италија.

Белоти одбива да го продолжи договорот и според изјавата на тренерот Иван Јуриќ, ќе игра уште оваа сезона за Торино.

„Точно е дека Белоти не сака да го продолжи договорот, но и дека нема да си замине во јануари. Ситуацијата е јасна и се ќе се реши во јуни идната година“, изјави Јуриќ.

Белоти е во Торино од 2015 година, кога за сума од 7,5 милиони евра дојде од редовите на Палермо. Тој е еден од најдобрите стрелци во историјата на клубот со 93 гола, па можеби и ќе успее да ја мине стотката како играч на Торино, но и според сегашната ситуација, сигурно ќе си замине идното лето како слободен играч.

Белоти е и актуелен репрезентативец на Италија од 2016 година и со Аѕурите ја освои европската титула ова лето. Тој беше единствениот репрезентативец од Торино што настапи на континеталниот шампионат ова лето за својата земја, а Италија со победа во финалето против Англија ја освои европската круна. Има одиграно 39 меча за селекцијата на актуелниот европски првак и постигна 12 гола.

 

 

- Оглас -

Најнови вести