Поранешниот помошник-судија од Премиер лигата, Дарен Кан, предложи промена на фудбалските правила со кои на напаѓачите ќе им се забрани влегување во голманскиот простор при изведување корнери. Предлогот доаѓа по контроверзниот инцидент на натпреварот на Арсенал против Вест хем, каде што клучен гол беше поништен по мешаница во петерецот на Арсенал.
Судијата Крис Каванаг првично го призна голот, но откако судијата беше повикан од ВАР-собата да го прегледа мониторот покрај теренот, беше утврдено дека Пабло го удрил со лакт голманот Давид Раја, правејќи прекршок и голот беше поништен.
Во моментот на корнерот, во голманскиот простор имаше неколку играчи на Вест хем. ВАР процени дека подигнатиот лакт на Пабло бил доволен за прекршок.
Кан, кој беше линиски судија во Премиер лигата повеќе од 20 години, изјави за Би-би-си дека е неопходна промена на правилото.
„Мислам дека е вистинско време за промена на правилото каде што на напаѓачите не треба да им се дозволи да влезат во петерецот пред да се изведе корнер. При изведување на голаут, напаѓачите не смее да бидат во шеснаесетникот. Слично на тоа, и при изведување на корнери, не треба да им биде дозволено да влезат во петерец сè додека топката не е во игра“, смета Кан, кој судеше и на финалето на Светското првенство во 2010 година.
Тој објасни како ова би го елиминирало проблемот каде што судијата не може да санкционира прекршок направен пред топката да биде во игра.
„Многу тимови создаваат метеж при корнерите, понекогаш дури и пред топката да биде во игра. Во таква ситуација, судијата, секако, не може да досуди пенал или индиректен слободен удар бидејќи топката не е во игра. Ова правило би создало природна поделба и би ги елиминирало ваквите ситуации“, додава Кан.
Одлуката за поништување на голот може да се покаже како клучна во трката за титулата. Доколку резултатот останеше нерешен, Манчестер сити ќе имаше шанса да ги стигне Топчиите по број на бодови со победа против Кристал палас в среда.

