„Блу скај инвестментс“ го презеде ФК Вардар!

Навивачката група Комити преку соопштение информира дека вчера е постигнат договор за примопредавање на фудбалскиот клуб Вардар.

„По еден долг период минат во стресови, неизвесности, подвизи и падови, конечно е постигнат договор за примопредавање на ФК Вардар. Ние бевме тука кога на Вардар му требавме. По успешното финале на преговорите, во Вардар влегува една нова структура која веруваме дека ќе донесе нова енергија во клубот, и со кои за брзо време ќе се вратиме онаму каде што припаѓаме. Компанијата „Блу скај инвестментс“ на чело со сопственикот Слободан Крстевски се новите сопственици, успеаја да се договорат со сите страни надлежни за ФК Вардар, и кои официјално ја преземаат одговорноста и привилегијата да ја предводат нашата светост.

Им посакуваме многу среќа и успеси во патот кој ќе го чекориме сите ние кои го сакаме Вардар заедно со нив, а реалноста ќе каже дека за тие да се остварат, ќе биде потребен многу труд и квалитет, а пред сè, макотрпна работа и посветеност. Потребна ќе биде поддршка во сите сфери од работењето на клубот, а конечно и поддршка од трибините за Вардар што побрзо да се врати на патот на славата.

Веќе се започнати сите активности околу отпочнувањето на подготовките за следната сезона, каде што ФК Вардар ќе се натпреварува во Втората лига Запад. Повеќе информации околу првата прозивка, активностите на клубот, но и нашите активности во деновиве пред нас!

Прва, втора, трета, општинска…ВАРДАР ЗАСЕКОГАШ !

Црвено–црна армијо, ова во голем дел е и наша победа и по сè што поминавме заедно, заслуживме убави вести и светла иднина за Вардар“, стои во соопштението на Комити.

 

- Оглас -

Најнови вести