Бока јуниорс ќе се вози со блиндиран автобус (Фото)

Трофејниот аргентински фудбалски клуб Бока јуниорс го претстави своето ново „засилување“, а тоа е блиндираниот автобус со кој ќе се превезуваат играчите. Претседателот Даниел Анхелиси рече дека не сакаат да ги ризикуваат безбедноста и интегритетот на своите членови, па затоа се решиле на ваков чекор.

Овој автобус е единствен од ваков вид во Аргентина. Страничните прозори се блиндирани, како и предното ветробранско стакло (шофершајбна) и задното. Стаклата можат да издржат високи температури и секакви удари и не може да бидат оштетени од камења, тули или слично. Целиот автобус е во клупските бои на клубот, доминира сината боја, со додатоци од жолтата.

Пред почетокот на реваншот од Копа Либертадорес кон крајот на 2018 година, додека тимот со стариот автобус одеше кон „Монументал“ за да игра со Ривер плејт, противниките фанови со секакви предмети и камења фрлаа по автобусот и притоа го повредија окото на капитенот Пабло Перес.

Автобусот веќе е паркиран пред „Бомбонера“, а фудбалерите на Бока првпат ќе се возат во него на 19 јули, кога го играат мечот од првото коло од Суперлигата и кога ќе треба да гостуваат кај Паранаенсе од Копа Либертадорес.

- Оглас -

Најнови вести