Борусија Дортмунд неколку месеци ќе биде без дефанзивецот Никлас Суле откако во саботата повторно го повреди скочниот зглоб на натпреварот од Бундеслигата против Борусија Менхенгладбах (1-1), изјави тренерот Нури Шахин пред дуелот од Лигата на шампионите со Барселона.
Суле се врати на теренот на 30 ноември по првата повреда на зглобот, која ја заработи на мечот против Баерн Минхен. Сега ја обнови истата повреда.
„Вестите не се добри, за жал“, изјави Шахин на прес-конференција пред дуелот со Барселона в среда.
„Ќе паузира неколку месеци. Повредата е сериозна. Тоа е истата повреда“, рече Шахин.
„Не е добро кога ќе се обнови стара повреда. Не сме задоволни бидејќи ни беше многу потребен.“
Борусија Дортмунд, која се наоѓа на шестото место во Бундеслигата, со месеци се соочува со проблеми со повредите, а во еден момент беше дури без десетмина фудбалери.
Борусија Дортмунд и Барселона имаат по 12 бода и се наоѓаат на третото и на четвртото место на табелата во Лигата на шампионите.