Британска атлетичарка остана без европски рекорд бидејќи патеката била пократка за 150 метри

Британската атлетичарка Ајлиш Меколган остана без нов европски и британски рекорд на улична трка на 10 километри бидејќи по трката било утврдено дека патеката во Глазгов била пократка за 150 метри.

Меколган на почетокот од месецов истрча 10 километри за 30 минути и 18 секунди, што беше за една секунда побрзо од нејзиниот личен и европски рекорд што го постави во мај годинава во Манчестер.

Но, организаторот на трката во Глазгов објави дека патеката „не била поставена како што било претходно договорено“ и поради тоа била пократка за 150 метри, па поради тоа рекордот на Меколган е поништен.

„Ќе го преиспитаме целиот процес за да не дозволиме да ни се повтори ваква грешка во иднина“, порачаа организаторите.

Британката и покрај поништеното време, и понатаму е сопственичка на европскиот рекорд на трката на 10 километри и изјави дека не му се лути на организаторот за пропустот.

„Се случуваат вакви грешки. Да, би било убаво да ја завршам сезоната со личен рекорд и со уште еден европски рекорд, но ова не е крајот на светот. Немам никакви лоши зборови и лоши мисли“, порача Меколган.

- Оглас -

Најнови вести