Буфон денеска ќе го сруши рекордот поради кој се врати во Серија А

Јувентус сигурно атакува кон нова титула во Серија А. Најтрофејниот италијански клуб има четири бода повеќе од Лацио и денеска попладне на свој терен игра против градскиот ривал Торино во рамките од 30. коло. Јувентус е апсолутен фаворит, посебно поради фактот дека сезонава на свој терен има 13 победи и само едно реми во 14 средби.

Дуелот против Торино треба да биде специјален за Џанлуиџи Буфон. Легендарниот голман кој има 42 години, неодамна го продолжи договорот со Јувентус за уште една сезона, а денеска треба да испише рекорд во Серија А. Доколку Буфон биде на голот на Јувентус, а е најавен како стартер, за популрниот Џиџи тоа ќе биде 648 меч во Серија А и ќе го надмине рекордот на уште една легенда. Некогашниот капитен на Милан, Паоло Малдини имаше одиграно 647 средби во елитното италијанско друштво.

Буфон можеше и многу порано да го сруши овој рекорд, но една година со Јувентус бранеше во Серија Б, а една сезона помина и во Пари Сен Жермен. Кога реши да си замине од ПСЖ и да се врати во Јувентус, Буфон откри дека една од причините поради која се враќа во Торино е да се стигне рекордот на Малдини. Тогаш му недостасуваа осум меча во Серија А за да го надмине Малдини, а голманот сезонава бранеше на седум дуели, што значи дека ако истрча на теренот против Торино, италијанското првенство ќе добие нов рекордер.

 

- Оглас -

Најнови вести