Бундеслигата ќе се игра со публика уште викендов!

Германскиот фудбалски шампионат беше првиот од Топ-5 лигите кој им се врати на активностите за време на пандемијата на корона-вирусот, а сега Бундеслигата ќе биде првата и која ќе дозволи присуство на публика. Новата сезона во Бундеслигата стартува претстојниов викенд, со делумно полни трибини.

Шестнеделните проби со лимитиран капацитет на исполнетост од 20 проценти беа успешни, па од експеримент решија да преминат на дело. Во областите каде што има неделно во просек помал од 35 заразени на 100.000 жители, ќе смее да се игра со публика.

Просекот во покраината Баварија е 40,09 заразени, па средбата Баерн Минхен – Шалке в петок може да се игра и без публика ако бројките останат лоши. Но, Борусија Дортмунд, која има стадион со 81.365 седишта, ќе смее да има поддршка од 16.273 навивачи.

Делумно присуство на гледачи има и во Франција и Холандија. Французите дозволуваат максимум 5.000 луѓе на трибините, а Холанѓаните исполнетост на трибините од 20 до 30 отсто.

На 20 октомври ќе се направи нова евалуација на состојбата. Секако, ќе мора да се држи дистанца, билетите ќе бидат персонализирани, забрането ќе биде точење на алкохол и нема да има гостински фанови.

- Оглас -

Најнови вести