Чави како тренер на Барса ќе тргне со 10 бода помалку од Реал Мадрид

Новиот тренер на Барселона, клупската легенда и миленик на фановите, Чави Ернандес, има многу проблеми за решавање во тимот, а кога и официјално ќе почне да работи со екипата, Барса ќе има дури 10 бода негатива во однос на лутиот ривал Реал Мадрид. Досега во историјата на шпанската лига, никогаш не се случило титула да освои тим кој во еден момент од сезоната имал 10 бода минус зад првопласираниот.

Реал после 12 одиграни кола, е прв на табелата, и има 27 бода, а Барса е деветта со само 17. Сезоната 1987/88, е претходната во која Реал имал двоцифрена бодовна предност пред Каталонците после 12 рунди од Ла Лига. Во моментов, Барселона е поблиску (7 бода) до зоната на испаѓање, отколку до првото место.

Карло Анчелоти вечерва дојде до 100-тата победа како тренер на Реал. За тоа му требаа 135 меча. Побрзо од него до 100 победи со шпански клуб имале само Луис Енрике со Барса (126) и Жозе Мурињо со Реал (133). На Пеп Гвардиола му требаа 139, а на Зинедин Зидан 140 меча за да дојде до 100 триумфи.

- Оглас -

Најнови вести