Чеферин: Мило ми е што Македонија ќе игра на ЕП, успехот ќе го сплоти народот

Првиот човек на Европската фудбалска федерација УЕФА, Александер Чеферин, во интервју за српски „Информер“, изјави дека му е мило што македонската репрезентација се пласирала на Европското првенство.

„Македонија ме изненади. Добра екипа се, добро водена, супер ми е што се пласираа на ЕП. Една мала земја која нема добра економска ситуација доби прилика да се промовира. Ретко што може да го обедини народот во една држава како спортските успеси“ – рече Чеферин, кој додава дека секогаш навива за националните тимови од поранешна Југославија кога играат против селекции од други делови на Европа и светот.

Чеферин не верува дека во догледно време е можно формирање на регионална лига како кошаркарската АБА со тимови само од екс Југославија. Според Словенецот, засега не е можно во иста регионална лига да бидат тимови од Хрватска и Србија, а проблематично е и како од таа лига би се одело во европските натпреваурвања.

„Мислам дека пореални се две регионални лиги, едната со словенечки, хрватски и тимови од други држави, и една со српски и нејзините соседи. Не сакаме регионални лиги кои ќе ги уништат домашните првенства. Размислуваме за такво нешто, но тоа е сериозен потфат, ништо конкретно не е одлучено“ – вели Чеферин.

За Лигата на нации, Чеферин мисли дека е успешен проект.

„На почетокот не го разбираа сите системот на натпреварување. И јас лично повеќе пати гледав и студирав што смислија нашите математичари. На навивачите им треба време да се навикнат на ново натпреварување, но остварен е голем успех. Плус тоа, тимови како Македонија веројатно никогаш не би добиле можност да играат на ЕП да не беше Лигата на нации“ – заклучува Чеферин.

- Оглас -

Најнови вести