Чеферин се закани: Ако не се завршат првенствата, екипите нема да може да играат во Европа

Само пред два дена челниците на Европската фудбалска федерација заедно со преставници на сите членки имаа состанок на кој беше одлучено да се најде начин како да се доиграат мечевите од домашните првенства. Сепак, овој договор само по 24 часа го прекршија од Белгиската фудбалска федерација. Во Белгија беше прогласен прекин на првенството и Бриж, кој е лидер и има 15 бодови повеќе од второпласираниот Гент, да ја добие титулата.

На ваквата одлука од Белгија веднаш реагираше првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин. Тој се закани дека постои опција Федерациите кои ќе решат да ги прекинат натпреварувањата, во новата сезона воопшто да немаат претставници во европските натпреварувања.

„Може да разговараме за материјалната штета која ќе ја претрпат клубовите, затоа што сигурно мечеви без публика не е исто како и со публика. Сепак, мора да бидеме свесни дека целиот свет се наоѓа во специфична ситуација. Подобро е мечевите да ги гледаме на телевизија, отколку воопшто да ги нема. Оние кои решија самоволно да стават крај на првенствата, може да немаат свои екипи во Европа за следната сезона“, рече Чеферин за РТВ Словенија.

УЕФА го одложи Европското првенство кое требаше да се игра летово и го презакажа за 2021 година само за да може да се добие во време и простор да се доиграат домашните шампионати. Засега нема конкретни датуми кога би можеле да продолжат фудбалските возбудувања, но проценките се дека првенствата треба да продолжат на почетокот на мај.

- Оглас -

Најнови вести