Чиј сон ќе се оствари на театралниот „Олд трафорд“?

Најатрактивната фудбалска лига во Европа одлучи уште во првото коло да ги почасти своите љубители со големо дерби. Денес на „Олд трафорд“ силите ќе ги одмерат двете најуспешни англиски екипи во изминативе 20 години, Манчестер јунајтед и Челзи.

Предводени од млади и неискусни тренери, Јунајтед и Челзи целат на позитивен старт на сезоната, што подразбира борба за трите бода. Оле Гунар Солскјер во текот на летото ги доби потребните засилувања во одбраната, доведени се Ван Бисака и Мегваер за околу 130 милиони фунти, додека Сините од Лондон во овој преоден рок мируваа, па Френк Лампард ќе се потпре на младите сили кои му се на располагање.

Двете екипи имаа успешни претсезонски подготовки, особено Црвените ѓаволи кои запишаа шест победи во исто толку контролки. Челзи пак, во седум меча двапати ремизираше и претрпе пораз од јапонскиот тим Кавасаки, а меѓу тимовите кои ги доби се најде и Барселона.

Претходните меѓусеби дуели наговестуваат дека денешното дерби на „Олд трафорд“ ќе биде неизвесно и доста интересно, а Црвените ѓаволи нормално ја имаат фаворитската улога поради домашната публика. Челзи подолг период нема освоено три бода на „Театарот од соништата“, поточно од 2013 година кога славеа со минимални 1-0, а тогаш на кормилото седеше Жозе Мурињо.

Не помина многу време од нивната последна средба во Манчестер. Во април годинава Јунајтед и Челзи ги одмерија силите во рамки од 36-тото коло, а ремито од 1-1 повеќе работа им заврши на Сините, бидејќи на тој начин го потврдија пласманот во топ 4. Ако се гледаат само последните пет меѓусебни средби, избраниците на Солскјер водат со 2-1, а во два меча немало победник.

Во пресрет на овој дуел, Солскјер нема да смета на Баи и Санчес, додека Лампард ќе биде без Рудигер и најверојатно Вилијан, како и играчите од академијата Лофтус Чик и Хадсон Одои.

ПОСЛЕДНИ 10 МЕЃУСЕБНИ ДУЕЛИ ВО ПРЕМИЕР ЛИГАТА:

26.10.2014 Манчестер јунајтед 1-1 Челзи

18.04.2015 Челзи 1-0 Манчестер јунајтед

28.12.2015 Манчестер јунајтед 0-0 Челзи

07.02.2016 Челзи 1-1 Манчестер јунајтед

23.10.2016 Челзи 4-0 Манчестер јунајтед

16.04.2017 Манчестер јунајтед 2-0 Челзи

05.11.2017 Челзи 1-0 Манчестер јунајтед

25.02.2018 Манчестер јунајтед 2-1 Челзи

20.10.2018 Челзи 2-2 Манчестер јунајтед

28.04.2019 Манчестер јунајтед 1-1 Челзи

Најавени тимови:

Јунајтед(4-2-3-1): Де Хеа, Ван Бисака, Линделоф, Мегваер, Шо, Мектоминеј, Погба, Лингард, Џејмс, Марсијал, Рашфорд.

Челзи(4-2-3-1): Кепа, Аспиликуета, Кристенсен, Зума, Алонсо, Жоржињо, Ковачиќ, Баркли, Пулишиќ, Педро, Жиру.

 

- Оглас -

Најнови вести