Де Лаурентис најави револуција – ЛШ и ЛЕ да бидат едно натпреварување

Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, ја претстави својата идеја да се формира ново континентално клупско натпреварување. Таа потенцијално би се спровела од 2024 година, кога ќе заврши договорот меѓу УЕФА и ЕКА (Здружение на европски клубови), доколку се прифати неговиот предлог.

Првиот човек на италијанскиот вицешампион најави револуционерни промени во европскиот фудбал, а доколку неговата идеја се прифати, од 2024 година повеќе нема да гледаме Лигата на шампионите и Лигата на Европа, односно двете куп-натпреварувања би се споиле во еден голем турнир.

Тој сака да се создаде едно куп-натпреварување во кое силите би ги одмерувале 80 екипи. Тие би биле распоредени во четири групи по 20 учесници, а само најдобрите четири екипи од групите би се пласирале во нокаут-фазата, започнувајќи од осминафиналето. Натпреварите би се играле во истите денови како и досега – вторник, среда и четврток, така што нема да се наштети на распоредот во домашните лиги.

„Решението е да се спојат двете натпреварувања и да се организира еден голем турнир од 80 екипи. Би учествувале седумте најдобро пласирани тимови од Англија, Шпанија, Италија, Германија и Франција, како и по четири учесници од Холандија, Португалија и Белгија. Таква лига би се поделила на четири групи по 20 екипи, каде што би се играло во еднокружен систем. Значи, секоја екипа ќе одигра по 19 натпревари од вторник до четврток, додека распоредот нема да влијае врз мечевите од домашните првенства кои ќе продолжат преку викендите. Само најдобрите четири екипи од групите би се пласирале во нокаут-фазата“, се изјасни Де Лаурентис.

УЕФА и ЕКА имаат договор според кој сегашниот систем нема да се менува до 2024 година, но веќе извесно време се шпекулира дека порано или подоцна, вакви промени ќе се случат во европскиот фудбал. Најбогатите и најквалитетните европски гиганти од порано имаат идеја да формираат натпреварување од затворен тип.

- Оглас -

Најнови вести