Дени Роуз: Подвигот на Ливерпул нѐ мотивираше

Дефанзивецот на Тотенхем, Дени Роуз, вели дека подвигот на Ливерпул една ноќ претходно бил дополнителна мотивација за него и за соиграчите да приредат подвиг во реваншот против Ајакс и да се пласираат во првото финале во Лигата на шампионите.

Ливерпул анулираше огромна негатива од првиот меч со Барселона и поразот од 0-3 го преточи во фантастична победа на свој терен од 4-0 за пласман во големото финале во ЛШ што ќе се игра во Мадрид.

Вчеравечер се случи уште едно англиско чудо, а Тотенхем само за 45 минути од вкупна негатива од 0-3, се врати во игра со хет-трикот на Лукас Мура и го елиминира Ајакс благодарение на повеќе постигнати голови на гости во двата меча при израмнет вкупен резултат од 3-3.

„Го гледавме Ливерпул. Ни беа патоказ дека во фудбалот сè е можно и достижно. Бевме разочарани со нашиот настап на првиот меч во Лондон, но во Амстердам покажавме дека имаме карактер. Илзеговме на терен и победивме и ако играме вака, можеме да го надиграме секој тим. Горди сме на подвигот, сега малку ќе го славиме пласманот во финалето и се радуваме на мечот што ни претстои за европската круна против Ливерпул“, изјави Роуз.

Финалето ќе се игра во Мадрид на 1 јуни, а за Тотенхем голем поттик ќе биде камбекот на Хари Кејн, кој речиси сигурно ќе игра во мечот за европската титула на „Ванда Метрополитано“.

- Оглас -

Најнови вести