Џабе му се сите победи на Ливерпул, ако не се радува денеска

Ливерпул конечно го живее сонот кој цели 30 години чека да му се оствари. Гигантот од „Енфилд роуд“ е на одличен пат да стигне до првата титула од формирањето на Премиер лигата и да го прекине 30 годишниот пост без трофеј во англиското првенство.

Во досегашните 21 кола, Ливерпул има неверојатен биланс од 20 победи и само едно реми. Токму тоа реми е на гостувањето на „Олд Трафорд“ против Манчестер јунајтед. Денеска е ден кога Ливерпул пред своите навивачи ги пречекува Црвените ѓаволи. Домаќинот е голем фаворит на „Енфилд роуд“, но кога играат овие две екипи никогаш не може да се знае предвреме.

Ливерпул го има најдобриот напад (50 дадени гола) и најцврстата одбрана (14 примени гола) во лигата, а е и перфектен на свој терен со 11 победи во исто толку средби. Токму затоа тренерот на гостите, Оле Гунар Солскер знае колку ќе биде тешко за неговиот тим да стигне до бодови денеска.

„Ако ги погледнете резултатите на Ливерпул, тие имаат 33 победи и пет нерешени во последните 38 кола во Премиер лигата. Тоа значи дека имаат освоено 104 поени. Тоа е повеќе од добра сезона“, вели Солскјер.

Ливерпул речиси и да нема проблеми со составот, па Јирген Клоп ќе започне офанзивно со формација 4-3-3: Алисон, Александер-Арнолд, Ван Дајк, Гомез, Робертсон, Чемберлејн, Хендерсон, Вајналдум, Салах, Фирмино, Мане.

Повеќе од очекувано е Манчестер да се брани на „Енфилд роуд“ и со контра напади да се обиде да го загрози голот на домаќините. Токму затоа Солскјер ќе започне во формација 4-2-3-1: Де Хеа, Ван Бисака, Мегваер, Линделиф, Вилијамс, Матиќ, Фред, Гринвуд, Џејмс, Переира, Марсијал.

Ривалитетот на овие две екипи започнал уште во април 1894 година, а досега се одиграни вкупно 203 меча. Манчестер јунајтед е поуспешен и има 80 победи, Ливерпул се радувал на 66 средби, а нерешено завршиле 57 натпревари. Затоа, без разлика на моменталната форма и позиција на табелата, дуелите на овие два тима секогаш имаат посебно значење.

 

- Оглас -

Најнови вести