Дибиров: Не знам од каде, ама Вардар секогаш добива некаква сила на крајот

Вардар никогаш не треба да се отпише, а тоа се виде и вечерва во дуелот против Загреб во полуфиналето на СЕХА лигата. На 10 минути до крајот, Вардар губеше со шест разлика (24:18), но на крајот победи. Со фантастична игра во последните минути, бранителот на тронот во СЕХА лигата стигна до 26:26 по 60 минути игра, па победникот мораше да се решава на пенали.

Во пенал-рулетот сите вардарци што шутираа беа прецизни, а нашиот голман борко Ристовски успеа да одбрани два пенали, за конечна победа на Вардар од 30:29. Покрај голманот Ристовски, еден од најзаслужните е и Тимур Дибиров кој даде шест гола.

Русинот кој е во Вардар неколку години, веќе е навикнат на вакви пресврти што ги прави македонскиот, регионалниот и се уште актуелниот европски првак.

„Со Вардар секогаш правиме вакви пресврти. Не знам од каде, но секогаш добиваме некоја сила во последните 10-тина минути. Среќен сум што победивме и што сме дел од финалето, каде ќе го браниме трофејот. Сега треба да се фокусираме на Веспрем, кој има квалитетен состав, но ние секогаш сме мотивирани и сакаме да победиме“, рече Дибиров по победата над Загреб.

- Оглас -

Најнови вести