Дојде ли крајот за Докторот?

Деветкратниот светски првак Валентино Роси во претстојната сезона во Мото ГП има повеќе проблеми отколку успеси. Досега се одржаа девет трки од календарот во кралската класа, а популарниот Доктор само во два наврати како втор се качи на подиумот. Тога го направи на двете последователни трки за Големите награди на Аргентина и на Америка, додека во останатите седум трки беше петти или подолу, а на три од нив не ја мина целта.

Изминатиов викенд, во трката за ГН на Германија Роси имаше најлош пласман досега. Заврши на 11-тото место, а дополнителна мака му создаде и времето кое му беше измерено. Роси возел 20 секунди побавно во „Сашенринг“ во однос на минатогодишната трка, па соодветно се поставува прашањето – дали е време да стави крај на професионалната кариера?

Самиот Роси е свесен дека на 40 години не може да вози како некогаш, посочи дека често сам си го поставува тоа прашање, не само новинарите. Но, не сака сега да се откаже, барем не на средина од сезоната, но по сите изгледи, оваа ќе му биде последна.

„Нормално е да ми поставуваат такви прашања. Јас се запрашав уште пред десет години, така што нема да биде изненадување ако сега се пензионирам. Не само што сум стар, туку сум постар шест или седум години од вториот најстар возач во Мото ГП (Андреа Довициозо, 33 години). Ако сега прекинам да се тркам, нема да ми биде жал бидејќи освоив девет светски титули и победив на 89 трки. Тоа се доволно добри бројки за пензија“, истакна Роси.

Во 2009 година Роси последен пат беше светски првак во Мото ГП, а веќе една деценија се обидува да ја освои својата „деценија“ – десетта светска титула (седум има во кралската класа, една во класата 250, една во 125) и се чини дека тој сон ќе остане неостварен.

По девет трки оваа сезона, Роси е на шестото место на табелата со 80 бода, 105 помалку од лидерот и актуелен светски шампион Марк Маркес.

- Оглас -

Најнови вести