Дури и прабаба му била дел од улична банда, мајка му и татко му завршиле во затвор, а тој е во НБА

Кошаркарот на Сан Антонио спарс Дејонте Мареј откри колку бил суров неговиот живот, пред да добие шанса да се покаже во НБА лигата. Мареј веќе пет сезони е дел од најсилната кошаркарска лига во светот, но како дете имал многу тежок живот на југот на Сиетл.

Во НБА лигата Мареј влезе како 29 пик на драфтот и сега има солидни игри како плејмејкер на Сан Антонио. Моментно има просек од 15,9 поени, седум скока и 5,4 асистенции по меч. Тренерот Грег Попович верува во момчето кое има 24 години, а до пред неколку години живеело во опасен кварт.  Мареј открива дека и неговата фамилија одсекогаш се занимавала со криминал, па тоа што тој е во НБА е остварување на сонот да се тргне од улицата и опасниот начин на живот.

„Мојот живот е приказна која никогаш не сум ја раскажал. Јас бев буквално на улица. Немам со што да се фалам. Сега не ми е за верување дека играм во НБА. Ова за мене е како на видео игра. Има дури и луѓе кои купуваат дресови со моето име. Веќе пет години играм, а уште мислам дека сонувам“, вели Мареј, кој реши да открие дел од своето минато.

„Морав да поминам низ тешки работи во младоста. Сега размисливам дури и да напишам книга која треба да им биде како мотив за другите луѓе. Малку имам зборувано за минатото затоа што тоа било трауматично за мене. Како дете правев се, само за да дојдам до пари. Продавав дрога, крадев, се тепав. Тоа беше мојот живот. Немав избор, едноставно така требаше да биде. Бев уапсен кога имав само 11 години. Бев малолетен деликвент. Не се плашев дали ќе завршам во затвор. Дури и мојата прабаба била таму. Слушнав дека таа била дел од една улична банда која правела страшни работи. Тоа некако се пренесувало од генерација на генерација. Во мојата фамилија било нормално да се продава дрога. Дури и мојата мајка била во затвор, а таму бил и татко ми. Сакам тоа минато да остане далеку зад мене. Сега јас имам друг живот и сакам да се посветам на кошарката“, вели Мареј, кој прв пат откри работи за кои претходно никогаш не зборел.

- Оглас -

Најнови вести