Душебаев: Вардар секогаш е меѓу фаворитите за место на фајнл форот во Келн

Алекс Душебаев е добро познато ракометно име во Македонија. Шпанскиот репрезентативец цели четири години помина во дресот на Вардар, каде и го покажа целиот свој талент и се промовираше во одличен играч. Душебаев со Вардар во 2017 година го освои својот прв голем златен медал. Стана европски клупски првак со Вардар, а потоа направи трансфер во Киелце.

Токму Киелце е тим кој е во група со Вардар во годинашнава сезона во Лигата на шампиони, а Вардар е бранител на европскиот трон. И покрај тоа што на Црвено-црните им отидоа неколку важни играчи, Вардар ќе помине во осминафиналето на ЛШ. Дужебаев вели дека кога и да има проблеми во Вардар, тоа е клуб на кој секогаш мора да се гледа како потенцијален учесник на фајнл-фор турнирот во Келн.

„Знам дека е променета ситуацијата во Вардар, но тимот повторно игра квалитетно. Без разлика на промената, Вардар е тим кој секогаш треба да го вметнете меѓу кандидатите за пласман на фајл-фор турнирот во Келн“, вели Душебаев, кој исто така го следеше вчерашниот меч меѓу Македонија и Австрија, кога нашите ракометари ги загубија шансите за влез во главната рунда.

„Го гледав мечот на Македонија со Австрија. Австријците покажаа добра игра и дека се опасни на свој терен. Македонија против Чешка загуби затоа што противничкиот голман бранеше одлично. Кога голман ќе има над 12 одбрани тогаш шансата тимот да победи е поголема. ЕП е турнир на кој нема слаб противник. Можеби е изненадување тоа што Македонија не помина понатаму, но и една Франција не помина понатаму, а вечерва истото може да се случи и со Данска“, анализира Душебаев кој покажа дека не го заборавил ни македонскиот јазик.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести