Двајца „моторџии“ на последниот ден од преодниот рок му помогнаа на Бешикташ да стане шампион

Турската Суперлига имаше супер неизвесна завршница, на крајот Бешикташ стана шампион благодарение на минимално подобрата гол-разлика од Галатасарај. Орлите имаа за само еден гол подобар однос на постигнати и примени голови. Победата за титула на гостувањето кај Ѓозтепе ја донесе Рашид Гезал од пенал во 69-тата минута.

Интересно е што Алжирецот, кој имаше 8 гола и дури 17 асистенции (прв асистент во лигата), за малку немаше да стане играч на Бешикташ. Тој беше позајмен од Лестер во Фиорентина, а на 5 октомври премина во истанбулските Црно-бели. Но, за да се официјализира позајмицата, потребно беше навремено доставување на документацијата во Турската фудбалска федерација. Во лудиот сообраќаен метеж низ еден од најголемите градови на светот, на претставниците на клубот не им било лесно навреме да стигнат до Федерацијата, па тргнале со мотор.

„Потпишав на последниот ден од трансфер-рокот, целата работа се заврши за 10 минути, но сообраќајот во Истанбул беше кошмар. Моите документи и договорот беа носени со мотор“, раскажа Гезал, кој после титулата позираше со „моторџиите“.

Утре Бешикташ игра финале на Купот со Анталијаспор и има прилика да освои двојна круна. Бешикташ последен пат триумфираше во Купот пред 15 години и ја брка деветтата титула во тоа натпреварување.

- Оглас -

Најнови вести