Репрезентацијата на Колумбија минимално со 1:0 ја победи Гана во последниот меч од 16-финалето на Светското првенство. Со овој триумф, Колумбија си обезбеди место меѓу најдобрите 16 селекции на турнирот во САД, Канада и Мексико.
Клучниот момент на средбата се случи на почетокот, односно во 14 минута кога Џон Аријас погоди за 1:0, што на крајот се покажа дека ќе биде единствен гол.
Во продолжение на средбата Колумбија доминираше и се обидуваше да постигне и втор погодок, но Гана потоа добро се бранеше. Колумбијците на крајот имаа 61 отсто посед на топка, упатија дури 20 удари кон голот на противникот (осум беа во рамките на голот) и создадоа пет големи шанси.
Од друга страна, Гана со дефанзивна тактика не успеа да упати ниту еден удар што одеше во рамките на голот на Колумбија и на крајот, африканската селекција заслужено ќе ги пакува куферите и ќе си замине од Мундијалот.
Колумбија по четврти пат во историјата ќе игра во осминафиналето на СП. Противник ќе им биде Швајцарија, дуел на кој Колумбија ќе се обиде да стигне до четвртфиналето и да го повтори најголемиот успех во нивната историја, тој од СП 2014 кога беа меѓу најдобрите осум селекции во светот.

