Една дилема за тоа кој ќе биде стартер за Македонија против Косово

Дојде денот кој се очекуваше со месеци – дуелот на Македонија против Косово, кој требаше да се игра во март, но се одложи поради стартот на корона-вирусот. По повеќе од половина година одложување, фудбалската репрезентација на Македонија вечерва од 20:45 часот ќе го игра најважниот меч во својата досегашна историја. Меч кој треба да нè донесе само на еден чекор од пласман на Европско првенство.

Победа е потреба против Косово, селекција која реално е послаба од Македонија, но тоа треба да се потврди и на теренот на Арената „Тодор Проески“. Иако нема да има навивачи, поддршката за македонската репрезентација е од сите наши љубители на фудбалот.

Во пресрет на мечот, селекторот Игор Ангеловски се соочи само со еден проблем. Не допатува Елиф Елмас, за кого од неговиот тим Наполи беше соопштено дека има корона-вирус. Само неколку дена потоа, од Наполи потврдија дека Елмас веќе нема корона-вирус, но сепак тој нема да може да помогне вечерва. Без Елмас, но со сите останати мотивирани репрезентативци, Македонија оди на победа против Косово.

Според најавите, Македонија ќе почне во една стандардна формација и речиси познат состав: Ангеловски преферира да игра во формација 4-2-3-1. На голот ќе биде Димитриевски, а пред него стандардната четворка во одбраната: Ристовски, Велковски, Муслиу и Ристевски. Како дефанзивни играчи за врска тука ќе бидат Спировски и Адеми, додека офанзивците во средниот ред се Пандев, Барди и Алиоски. Главната дилема ќе биде дали позицијата за најистурен во нападот ќе му биде доделена на Несторовски или може изненадување да бидат Тричковски или Трајковски.

Кој и да биде на теренот во дресот на македонската репрезентација, вечерва треба да го даде најдоброто од себе и Македонија да победи и да го задржи сонот за пласман на Европското првенство!

 

- Оглас -

Најнови вести