Емери не е убеден дека Арсенал ќе го елиминира Наполи

Тренерот на Арсенал, Унаи Емери, смета дека шансите на неговиот тим и на Наполи за пласман во полуфиналето на Лигата на Европа остануваат 50-50, иако лондонските „топчии“ имаат солидна предност од 2-0 по првиот меч.

„Важно беше да оствариме добар резултат на првиот меч. Заслуживме да победиме, но знам дека ќе биде тешко на реваншот. Наполи дома обично игра многу добро. Ќе се обидеме да победиме, но мислам дека шансите се 50-50. Треба и на гости да покажеме квалитет. Некогаш на гостувањата како да го губиме духот со кој играме на свој терен“, изјави Емери.

Неговиот колега, Карло Анчелоти, кој има три титули во Лигата на шампионите, но ниту една во Лигата на Европа, верува дека „наполитанците“ може да го елиминираат Арсенал и покрај незгодната негатива.

„Во првото полувреме бевме катастрофа, немавме храброст за да го контролираме текот на мечот. Резултатот е тежок за надоместување, но имаме уште 90 минути за играње. Пред своите навивачи ќе играме поинаку, верувам дека можеме да минеме понатаму“, вели Анчелоти, чиј тим се спаси од поубедлив пораз и тоа што Арсенал не го докрајчи ривалот на првиот дуел може да биде кобно за Англичаните.

 

 

- Оглас -

Најнови вести