Енди Мареј во Австралија издржа четири сета и еден гејм

Роберто Баутиста Агут го елиминираше Енди Мареј во најинтересниот и најдолгиот натпревар од првото коло на Отвореното првенство на Австралија во тенис. За Мареј можеби ова беше последен меч во кариерата. По завршувањето на средбата, беше презентиран емотивен клип во кој најдобрите тенисери на светот му искажаа почит за тоа што го стори за тенисот.

Шпанецот ги доби првите два сета, но Британецот, потпомогнат од публиката, успеа да ги добие наредните два сета во тајбрејк. Во првиот гејм од петтиот сет, Мареј имаше прилика да поведе, но не ја искористи и потоа следуваше пад од кој не можеше да се врати.

Во последниот сет, кој Баутиста Агут го доби со 6-2, Мареј изгледаше заморен, истрошен и повреден, па загуби без поголем отпор и се прости од првиот Гренд слем годинава.

Мареј, кој беше и број 1 на АТП-листата, неодамна најави дека размислува за крај на кариерата и затоа публиката во Мелбурн уживаше во спектакуларниот меч кој е најверојатно последен за Британецот на тој терен.

Публиката и во второто коло ќе биде против Баутиста, бидејќи ривал ќе му биде Австралиецот Милман. Победи во три сета извојуваа Роџер Федерер против Денис Истомин и Марин Чилиќ против Бернард Томиќ.

- Оглас -

Најнови вести