Фавали жали – Италијанскиот фудбал задоцни со одлуката

Алесандро Фавали од италијанскиот нисколигаш Реџо Аудаче беше вториот фудбалер во Италија што имаше Коронавирус и токму тој факт, што тој и Кинг Удо од Пјанезе беа првите случаи фудбалери да бидат заразени на Чизмата, доведе до влошување на ситуацијата.

„Фудбалска Италија задоцни со реакцијата бидејќи првично фудбалери од пониските лиги беа заразени со Коронавирус. Јас веќе го имав вирусот на втори март. Да се реагираше тогаш и да се прекинеа сите првенства, ќе имавме многу подобра ситуација. За жал, во Серија А се играше уште една недела потоа, па кога ситуацијата драстично се влоши, се прекина шампионатот“, вели Фавали.

Фудбалерот, кој има 27 години, раскажува низ каква драма минал во текот на последните 20-тина дена.

„На втори март почуствував дека ме тресе грозница, имав страшна главоболка и ми гореа очите. Два месеци претходно имав сериозна настинка и си помислив дека ми се повторува, но кога качив и температура, знаев дека е нешто посериозно. Во Италија тие денови сè почесто се говореше за опасноста од Коронавирусот, па одлучив да се тестирам и, за жал, резултатите беа позитивни. Со сопругата бевме во изолација, и тоа во посебни простории бидејќи таа нема Коронавирус.

Морате да бидете ментално подготвени да го минете тешкиот период на самоизолација. Изненаден бев од поддршката од сите страни. Ми праќаа пораки, ми се јавуваа редовно и соиграчите и раководните луѓе во клубот, но и обични луѓе да ми изразат поддршка. Најважно е епидемијата што побрзо да стивне. Сакам повторно да играм фудбал и се надевам дека наскоро ќе се видиме на терен“, вели Фавали.

Неговиот клуб Реџо Аудаче, или многу попознат како Реџана се наоѓа на второто место во Б групата од Серија Ц во Италија и има шанси за промоција во повисок ранг, но се уште не се знае кога ќе продолжи првенството.

 

- Оглас -

Најнови вести