Фени ги совлада „галебите“, Бакоч со партија на сезоната

Фени индустри го совлада АВ Охрид со 86:81 во последниот денешен меч од 6. коло во Првата машка кошаркарска лига. Најрасположен кај кавадарчани беше Филип Бакоч, крилниот центар кој во минатата сезона беше член на охридскиот тим.

Бакоч ја прикажа својата убедливо најдобра игра сезонава и оствари дабл-дабл од 20 поени и 10 скока. Неговото одмаздничко забивање во последната секунда покажа дека овој меч против бившиот клуб многу му значи.

Покрај Бакоч дабл-дабли кај Фени имаа и Јане Петровски (20 поени и 10 асистенции) и Лук Мајер со 11 поени и 11 скока. Мајер ги погоди клучните слободни фрлања со кои го одлучи победникот.

Фени има 4-2, а охриѓани заедно со Шкупи се на дното со по 0-5. Утре играат Блокотехна – Гостивар, а дербито МЗТ Скопје – Работнички е в понеделник.

- Оглас -

Најнови вести