Фешта на Барди и другарите во сончевиот Виго

Леванте со убедливи 4-1 славеше на гостувањето кај Селта Виго во мечот од 24-тото коло во Ла Лига. Гостите од Валенсија за првпат по шест години освоија три бода на „Балаидос“ стадионот, и воедно ја прекинаа „црната“ низа против оваа екипа по осум последователни порази во меѓусебните пресметки.

Моралес во 20-тата минута го постигна водечкиот гол за Леванте, асистираше Рочина, а целата акција започна од Енис Барди. Точно 20 минути подоцна, Коке зголеми на 2-0, а Рочина одново беше во улига на асистент. Селта западна во големи проблеми непосредно по стартот на второто полувреме, кога Будебуз доби втор жолт картон и беше исклучен од средбата.

Во 62-та минута Моралес одново се запиша во листата на стрелци, а во 88-та минута судијата одлучи да му подари пенал на домашниот состав, а Мендес го постигна почесниот гол за Селта. Само моменти подоцна, Барди му асистираше на Мајорал за конечни 4-1.

Леванте со вкупно осмата победа во шпанското првенство се искачи на 11-тата позиција со 30 бода, додека Селта со 24 бода е на 16-тото место, со еден бод повеќе од зоната за испаѓање.

- Оглас -

Најнови вести