Само неколку часа пред почетокот на осминафиналниот натпревар од Светското првенство меѓу Парагвај и Франција, ФИФА предупреди дека постои висок ризик од одложување поради неповолни временски услови.
Французите на тој начин се соочуваат со можност за повторување на сценариото од натпреварот против Ирак, одигран на 22 јуни, кој беше прекинат повеќе од два часа поради силно невреме што ја зафати Филаделфија.
Враќањето на „Линколн Стадиум“, каде Триколорите треба да настапат против Парагвај, може повторно да донесе слични проблеми, пренесува францускиот „РМЦ Спорт“. Ако претходните прогнози не беа оптимистички, најновите информации од ФИФА дополнително ја потврдија неизвесноста.
Од Светската фудбалска федерација соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата во Филаделфија и дека постои сериозен ризик од одложување на натпреварот.
„Ги следиме временските услови за натпревар број 089. Во оваа фаза постои висок ризик од доцнење поради временските услови. Ќе продолжиме да ја проценуваме ситуацијата и ќе објавуваме нови информации во текот на наредните часови“, наведуваат од ФИФА.
Според метеоролошките служби, кои соработуваат со организацијата, предупредувањата за потенцијално силни временски пореметувања се појавиле уште неколку минути по почетокот на натпреварот, закажан за 17 часот по локално време. Се очекуваат температури меѓу 36 и 38 степени, со чувство на топлина до 41 степен.
Покрај тоа, најавени се и ризици од поројни дождови и грмежи, особено по 17 часот, иако во моментот почетокот на натпреварот сè уште не е официјално одложен.
Во САД важи строг протокол за безбедност при невреме, според кој секој натпревар мора да биде прекинат ако се детектира гром во радиус од 13 километри. Во таков случај, играчите заминуваат во соблекувалните, а публиката мора да најде засолниште. Продолжување на активностите е дозволено дури 30 минути по последниот регистриран гром.

