Франција и Русија го отворија, тие и ќе го затворат женското ЕП

Откако пред 18 дена, на 29 ноември во Нанси, Русија ја победи Франција со 26:23 на отворањето на Европското првенство во ракомет за жени, денеска од 17.30 часот овие две селекции ќе се сретнат и во големото финале на шампионатот.

Франција е актуелен светски првак и домаќин на ова ЕП, ќе има поддршка од 15.000 фанови, а Русија е актуелен олимписки шампион. Русија играла финале на ЕП само во 2006 и загуби од Норвешка, а Франција првпат игра финале. Франција не ја совладала Русија од четвртфиналето на СП 2011 наваму.

„Публиката е наш адут. Навивачите може да ни дадат дополнителна енергија“ – вели Алисон Пино.

Нема големи фаворит во ова финале, а овие репрезентации првпат ќе играат една против друга во финале на европски шампионат. Но, Русија и Франција преклани во Рио играа финале на олимпискиот турнир, и ова е прилика за Французинките да се реваншираат. За да успеат, ќе мора некако да ја неутрализираат Ана Вјахирева.

„Двата тима многу напредувавме од првиот меч досега. Денешниот меч ќе биде многу поразличен од тој пред 18 дена“ – изјави Ана Вјахирева, која е веројатно најдобрата ракометарка на првенството.

Едно е сигурно, женскиот ракомет Европа ќе добие нов владетел. Досега таа чест ја имале само Норвешка, Црна Гора, Унгарија и Данска.

- Оглас -

Најнови вести