Фудбалерите од Бундеслигата во класичен карантин до сабота

Сите тимови од првата и втората германска лига од денеска до сабота ќе бидат во карантин. Откако раководството на германската лига доби дозвола за продолжување на Бундеслигата и Цвајта на 16-ти мај, се преземаат сите можни мерки за да не дојде до нов прекин на сезоната.

Тимовите беа тестирани на корона-вирус и за сите за кои се знае дека се здрави, се препорача седење во карантин за да нема мешање со други луѓе и изложување на ризик.

Баерн Минхен, Борусија Дортмунд и Волфсбург ќе седат во хотели во своите градови, клубови како Шалке 04 и Борусија Менхенгладбах ќе престојуваат во хотелите кои се во рамките на нивните стадиони, додека, на пример, Баер Леверкузен, Унион Берлин и Падерборн одлучија да заминат во изолација надвор од град.

При заминувањето во карантин, сите играчи, тренери и работници носеа маски, а во хотелските соби ќе бидат сместени само по еден човек за да се намали контакт со други лица. Сите мечеви треба да се играат како што беше планирано, освен дуелот на Хановер и Динамо Дрезден. Кај Динамо има тројца заболени, па овој тим не смее да игра во следните две недели.

- Оглас -

Најнови вести